Екипата на Вардар е старо-нов освојувач на ракометниот Куп во Македонија, откако во финалето на неутрален терен во Кавадарци, во неверојатен меч го победи најголемиот ривал, Еурофарм Пелистер со 23:22 (8:12). Чудесен беше пресвртот што Вардар го направи во финалето, ако се знае дека на 15 минути пред крајот губеа со пет разлика.
Вардарци не само што не се предадоа во последните 15 минути, туку со голот на Талески во последните секунди стигнаа до победа и нов трофеј.
Уште од почетокот на мечот се виде дека ова ќе биде драма до последната секунда. Беше израмнето 2:2 и 4:4, а потоа Вардар со серија од 4:0 стигна до водство од 8:4. Тогаш, битолчани заиграа цврсто во одбраната, а во нападот ги користеа шансите, па во последните 12 минути од првото полувреме направија неверојатна серија од 8:0 за водство на полувреме од 12:8.
Второто полувреме доцнеше неколку минути поради навивачките пресметки на „Комити“ и „Чкембари“, а двата тима се договорија да не ги менуваат страните на полувреме и продолжија да напаѓаат на истиот гол.
Во 35 минута Пелистер прв пат поведе и со пет гола предност (15:10), а битолчани го контролираа резултатот и во следниот дел, па во 45 минута беше 18:13. Сепак, вардарци не се предадоа, па во последните 10 минути стигна до два негатива 18:20, а потоа Дибиров пропушти да намали на еден негатива од зицер позиција, па Пелистер казни за 21:18.
Во 54 минута Вардар се доближи само на еден гол негатива (21:20), a со погодокот на Дибиров од контра-напад, на точно три минути до крајот, резултатот беше израмнет 22:22. Еурофарм Пелистер не успеа да погоди во нивниот последен напад, а Филип Талески со „торпедо“ на неколку секунди до крајот погоди за победа на Вардар.