Помалку од 40 дена остануваат до стартот на Светското првенство во Катар, кој ќе биде втор Мундијал што ќе се одржи во Азија. Катарскиот емир Шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани на самитот во Казахстан јавно му се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин.
„Откако Русија многу успешно го организираше Светското првенство во 2018 година, нашите пријатели од Русија ни дадоа голема поддршка во организација на претстојниот Мундијал. Ви благодариме и горди сме на оваа врска. Соработката ќе трае до крајот на Светското првенство. Многу сум среќен што ве гледам претседателе. Ви благодарам“, беше пораката на Ал Тани кон Путин.
Ова ќе биде прво Светско првенство кое ќе се игра во доцна есен, а не како што беше пракса во претходните 90-тина години кога турнирот се играше во лето. На планетарниот собир во Катар нема да игра Русија и тоа откако оваа селекција беше суспендирана поради инвазијата на Путин што ја нареди врз Украина.
Освен на Мундијалот во Катар, Русија нема да има можност да учествува и на Европското првенство кое ќе биде во 2024 година во Германија. Русија воопшто не беше дел од ждрепката на квалификациските групи.