Фудбалскиот клуб Јени Малатијаспор објави дека нивниот голман Ејут Туркаслан моментално се води како исчезнат по страотниот земјотрес што утрово се случи помеѓу границата на Турција и Сирија.
Туркаслан е голман кој сезонава на два меча бранеше за Јени Малатијаспор и има 28 години. Се претпоставува дека тој е затрупан под некоја од многуте згради кои се срушија по земјотресот кој беше со јачина од 7,8 Рихтерови степени.
Dualarımız seninle…😥 pic.twitter.com/7VsNeN4qJa
— Yeni Malatyaspor (@YMSkulubu) February 6, 2023
Според последните информации, бројот на загинати ја надмина бројката од 1.500, а министерот за спорт и млади во Турција, Мехмет Касапоглу, најави дека сите спортски настани во Турција се одложени.
„Сите спортски настани во Турција се одложени на неодредено време“, е одлуката која беше соопштена.
Во Турција играат неколку наши интернационалци, а според местото каде што се случи земјотресот, најблиску е Газијантеп, градот во кој настапува македонскиот младински репрезентативец Лука Станковски. За среќа, Станковски не бил во градот за време на несреќата.