Ѓорческа беше фаворитка, но на стартот е елиминирана во квалификациите на Ролан Гарос

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа загуби во првото коло од квалификациите на гренслем-турнирот во Париз, популарниот Ролан Гарос. Ѓорческа за противничка ја имаше домашната тенисерка Марго Рувруа, која е 74 позиции послабо рангирана од Ѓорческа, но на крајот загуби со 2:1 во сетови.

Според коефициентите, Лина беше фаворитка за победа, но на теренот ситуацијата беше поинаква. Првиот сет стартуваше со четири освоени гема на противнички сервис и беше 2:2. Потоа Французинката поведе со 3:2, но и продолжи да освојува гемови на сервис на Ѓорческа, па по 37 минути игра, Рувруа го доби првиот сет со 6:2.

Лина добро го отвори вториот сет и имаше 2:0, но потоа повторно падна во играта. Домашната тенисерка стигна до 4:2, а потоа водеше и со 5:3 кога не искористи меч-топка, па Ѓорческа со брејк намали на 5:4. Во овој сет македонската тенисерка спаси и две меч-топки, па на крајот од 5:3, стигна до 7:5 и го доби сетот за израмнување на 1:1.

Во решавачкиот трет сет, Лина повторно прва направи брејк, но потоа веднаш го загуби гемот на свој сервис. Французинката стигна до 4:1 и на крајот го доби решавачкиот сет со 6:3.

На крајот, Ѓорческа загуби дури девет од 13-те сервиси кои ги имаше, што значи дека слабата игра на свој сервис е главна причина за поразот и елиминацијата на стартот од квалификациите на Ролан Гарос.

- Оглас -

Најнови вести