Хрватска се намачи, но на крајот стигна до победа во дуелот против Полска, во второто коло од Лигата на нации. Коцкестите до трите бода стигнаа благодарение на нивниот капитен Лука Модриќ кој постигна одличен гол од слободен удар.
Се играше 52 минута кога беше досуден фаул за Хрватска на околу 20 метри, а Модриќ со фантастичен шут погоди за 1:0. интересно е дека Модриќ утре ќе го прослави својот 39 роденден, а за него ова беше јубилеен 180 натпревар за Коцкестите.
И Португалија се радуваше на свој терен и тоа против Шкотска со 2:1. Домаќините до триумфот стигнаа со пресврт во второто полувреме. Мектоминеј погоди во 7 минута за водство на Шкотска на полувреме.
На почетокот на вториот дел, во игра кај Португалија влезе Кристијано Роналдо и играта се промени. Најпрво Бруно Фернандеш погоди во 54 минута за 1:1, а во 88 минута, Кристијано Роналдо донесе голема радост за домашните фанови, откако од близина беше прецизен за 2:1. Тој гол на Роналдо на крајот се покажа како победнички за Португалија и може да го видите ТУКА.
Актуелниот европски првак Шпанија со победа од 4:1 ќе се врати од гостувањето кај Швајцарија. Хоселу и Руис погодија во првите 15 минути за предност од 2:0 за Црвената фурија. Во 27 минута Ле Норманд доби црвен картон, па Швајцарија до крајот на првиот дел постигна погодок за 1:2.
Шпанија иако со играч помалку, во второто полувреме даде уште два гола. Руис погоди во 77 минута за 3:1, а неколку минути подоцна прецизен беше и Торес за конечни 4:1.