Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација им даде „зелено светло“ на Работнички и Вардар да продолжат своите натпревари како домаќини да ги играат во салите во кои и досега ги пречекуваа своите гости. Ова значи дека „Градски парк“ и малата сала во СРЦ „Кале“ остануваат на прволигашката мапа, и покрај нотираните забелешки.
Одборниците решија да попуштат, бидејќи реалноста во Македонија е дека само неколку сали целосно ги исполнуваат сите критериуми на ФИБА и не сакаа да укинат играње во сали во кои со години и децении се игра прволигашка кошарка, но даден е рок до почетокот на Суперлигата да се решат проблемите.
Управниот одбор ја потврди одлуката за зголемување на бројот на учесници во Првата лига од 10 на 11, со уфрлање на Шкупи. Од Водњански лисици сметаат дека не е фер што нив не им е дадена шанса, туку само на чаирскиот клуб, но Лигата, која стартува викендов, дефинитивно ќе има 11 тима.
Суспензија за Димитријевиќ
Дисциплинската комисија на МКФ го суспендираше Ненад Димитријевиќ на шест месеци. Федерацијата за својата одлука ќе ја извести ФИБА и младиот плејмејкер нема да смее да игра ниту за својот клуб Хувентуд во следните шест месеци. Димитријевиќ е казнет за неоправданото отсуство од Европското првенство за младинци кое се одржа летоска.