9.8 C
Skopje
четврток, 16 октомври 2025

ФИФА ѝ подаде рака на Палестина, која се „гуши“ во рушевини

Палестина претрпе тешки и големи загуби по агресијата што Израел ја изврши врз оваа земја, особено врз Газа. Ова влијаеше на сите сфери, од спортот до економијата.

Палестина сега е во урнатини, а по примирјето кое неодамна беше потпишано, жителите почнаа да се враќаат во Газа и веруваат дека ова би можело да биде конечното примирје кога станува збор за агресија врз нивната земја.

Се постави и прашањето што и како да се продолжи со спортот во Палестина бидејќи сите објекти се срушени? Палестинската фудбалска репрезентација своите домашни натпревари во квалификациите ги играше далеку од својата земја.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, вчера вети поддршка од светската фудбалска управа за реконструкција на фудбалската инфраструктура, а денес го нагласи ова уште еднаш со нови изјави. ФИФА ќе преземе радикални чекори и сака што поскоро да врати дел од спортската инфраструктура во Палестина. Станува збор за помошни терени за тренинг, како и неколку стадиони.

„Многу е важно што ФИФА е тука за да поддржи, да помогне, да потпомогне и да обезбеди постигнување на овој мировен процес“, рече Инфантино откако потпиша документ во кој се наведени плановите за регионална стабилност и реконструкција, а потоа додаде:

„Улогата на фудбалот мора да биде да поддржува, да обединува и да дава надеж. Ќе помогнеме во обновата на сите фудбалски објекти во Газа, да го оживееме фудбалот заедно со Палестинската фудбалска асоцијација.“

Палестинската фудбалска репрезентација ги заврши квалификациите за Светското првенство во 2026 година во третата фаза од азиските квалификации. Во групата Б, Палестинците го освоија петтото место со десет бода, а останаа без дополнителен плејоф поради гол на самиот крај од натпреварот против Оман, кога ремизираа 1-1 во натпревар што требаше да го добијат.

Со пласманот во третата фаза од квалификациите, Палестинците обезбедија место на Азискиот куп во 2027 година.

- Оглас -

Најнови вести