5.8 C
Skopje
недела, 1 февруари 2026

Ѓоргоноски пред почетокот на ЕП ги предвиде финалистите, сега анализира што може да се очекува во мечот за златото

Вечерва се спушта завесата на ракометното Европско првенство, а Данска и Германија ќе одлучуваат за тоа која репрезентација ќе се искачи на континенталниот трон. Ваков расплет на Европското првенство, уште од првиот ден на турнирот прогнозираше еден од најголемите познавачи и аналитичари на овој спорт кај нас, Горан Ѓоргоноски.

Некогашниот репрезентативец, а сега творецот на најуспешниот ракометен проект за млади „Ракомет за секое дете“, на почетокот на ЕП беше гостин во рубриката „Хуманитарен тикет“, каде даде детална анализа за тоа како очекува да се одвива првенството и кои се главните фаворити.

За разлика од многумина кои „после војна се генерали“, Ѓоргоноски предвреме прогнозираше финале меѓу Данска и Германија, а што се однесува за настапот на македонската репрезентација, потенцираше дека може да се најде начин да ја изненадиме Португалија, што и се случи, па одигравме нерешено. Тоа реми се покажа како многу значајно затоа што Македонија се најде во првиот барабан во ждрепката за баражот кој треба да го даде патникот на Светското првенство кое следната година ќе се игра во Германија.

„Дури сега се гледа дека ремито против Португалија е многу вредно. Тој освоен бод ја одведе Македонија на 14 место на ЕП и пласман во првиот барабан во ждрепката за баражот на СП. Ќе играме против Украина или Словачка и без разлика кој од овие две ја добиеме за ривал, ние ќе бидеме во улога на фаворити и верувам дека ќе го продолжиме континуитетот со настапи на големи натпреварувања“, оптимист е Ѓоргоноски.

ИНСПИРАЦИЈАТА НА ГОЛМАНИТЕ МОЖЕ ДА БИДЕ КЛУЧЕН МОМЕНТ ВО ФИНАЛЕТО

Еден од најголемите промотори на ракометот во Македонија даде оценка и за тоа како помина еврособирот и колку Германија може да парира против Данска во финалето.

„Се виде дека на овој шампионат доминираа екипите кои имаат голем ростер и може да го издржат пеколниот ритам. Данска како домаќин и селекција која доминира очекувано е во финалето, а уште пред првенството реков дека ако некој може да ја изненади Данска, моја желба би било тоа да е Германија. Во полуфиналето, Исланд покажа дека може да парира на Данска 40-тина минути, а верувам дека Германија ќе биде уште поконкурентна. Едноставно се работи за финале, меч во кој влогот е златниот медал и секако дека никој не сака да загуби во таков натпревар“, вели Ѓоргоноски, а потоа продолжи:

„Еден од клучните фактови секако дека може да бидат голманите. Двете селекции имаат феноменални голмани како што се Волф и Нилсен и нивната инспирација може да биде и клучен фактор да го одлучи победникот. Во играта на Данска влијание може да има и повредата и неизвесноста околу настапот на Халд, кој заедно со Салструб е столбот на одбраната“, анализира Ѓоргоноски во очекување на денешното финале во Хернинг.

- Оглас -

Најнови вести