Одбројуваме часови до финалето во Лигата на шампионите меѓу Ливерпул и Тотенхем. Вечерва во 21 часот, на „Ванда Метрополитано“ стадионот во Мадрид, двете англиски екипи одлучуваат кој ќе седне на фудбалскиот трон во Европа, кој сè до денес го чуваше Реал Мадрид.
Актуелниот вицешампион, тимот на Ливерпул, во својот деветти настап во големото финале ќе се обиде да ја освои шестата европска круна. На противничката страна, новајлиите од северен Лондон, екипата на Тотенхем за првпат е на дофат од најпрестижниот пехар. И едните, и другите тежок пат поминаа за да си го остварат сонот, а тоа е да бидат прогласени за најдобри, подобри од сите други.
ОД 32 ТИМОВИ, САМО ЕДЕН МОЖЕ ДА БИДЕ „THE BEST“
Црвените од „Енфилд“ од самиот старт на шампионатот мораа да искачуват големи врвови. Во една исклучително тешка група со ПСЖ, Наполи, и Црвена ѕвезда, за пласманот во нокаут фазата доста се намачија, но трудот се исплатеше. Иако поразите на сите три гостувања ги закомплицираа работите, избраниците на Јирген Клоп беа неприкосновени пред домашната публика, па 9 бода беа доволни за да презимат во Европа.
За почеток, во осминафиналето прв спаринг партнер им беше германскиот првак, Баерн Минхен. Баварците сочуваа празна мрежа во ремито без голови на „Енфилд“, но во реваншот потклекнаа пред незадржливиот Мане, и огромниот Ван Дајк. Ливерпул со 3-1 победа на гости си обезбеди четвртфинален двомеч против Порто, а преку португалскиот првак веќе се гледаше местото меѓу првите четири. Во полуфиналето го добија за многумина, најтешкиот противник од сите, големата Барселона на чело со Лео Меси.
Блесокот на Аргентинецот со два гола речиси да ја прегази секоја надеж на Ливерпул, никој не веруваше дека по 3-0 ќе се случи невозможното. Но, таа вечер на 7 мај, се случи магијата која може само Ливерпул да ја направи. Без Салах, без Фирмино, потребни беа нови херои, а Клоп ги најде во Ориги и Вајналдум, па по огромните 4-0 и историскиот кам-бек на „Енфилд“ ечеше „You’ll never walk alone“ како никогаш досега.
Тотенхем исто како и тимот од Мерисајд, се судри со поранешни европски шампиони, но цврсто ги издржа сите обиди да биде надигран. Веднаш зад Барселона, а пред Интер и ПСВ, фудбалерите на Тотенхем како втори во групата поминаа понатаму, откако издвоија круцијални победи над Нероаѕурите и холандскиот првак, како и значајното реми од 1-1 со Каталонците во последното коло. Прв испит им беа Милионерите од Дортмунд. Истиот го положија со “4+”, Тотенхем сигурно чекореше кон следната пречка. Многумина ги отпишаа во четвртфиналниот двомеч со англискиот прва Манчестер сити, но победата од 1-0 од првиот меч, беше како гаранција дека и со пораз од 4-3 во реваншот тие ќе бидат финалисти, а од голема помош беше и ВАР технологијата. Поништувајќи го голот на Стерлинг за 5-3 во петтата минута од судиското надополнување значеше дека Тотенхем ќе игра против „децата“ на Ајакс.
Копјаниците самоуверени дека ќе ги надиграат Петлите од Лондон, уште на гостувањето направија чекор кон финалето, а веќе се гледаа таму и по оние 2-0 во Амстердам сè до 55-тата минута, пред да започне шоуто на Лукас. Хет-трикот кој Бразилецот го оствари буквално во последната секунда од мечот, значеше дека Тотенхем за првпат во својата клупска историја ќе се бори за „Пехарот со големи уши“.
ЌЕ БИДЕ ЛИ ТРЕТА СРЕЌА ЗА КЛОП, ИЛИ ПАК ПРВА ЗА ПОКЕТИНО
Харизматичниот Германец во својата тренерска кариера двапати поминал покрај посакуваниот пехар со наведната глава. Како предводник на Борусија Дортмунд, Клоп се задоволи само учество во финалето по поразот од Баерн Минхен со 2-1 во 2013 година, а уште боли ланскиот шамар од Реал Мадрид.
Маурисио Покетино пак, овој пласман во финалето може да го смета како негов најголем успех во кариерата. Пет години е на кормилото на тимот од Лондон, а за првпат ќе го води својот тим во меч за европски трофеј. Инаку, Тотенхем под водство на Покетино загуби едно финале досега, во сезоната 2014/15 во Лига купот на Англија од Челзи со 2-0.
ЛИВЕРПУЛ НА ХАРТИЈА Е ФАВОРИТ, НО НИКОГАШ НЕ ГО ОТПИШУВАЈТЕ АУТСАЈДЕРОТ
Несомнено, Ливерпул има многу повеќе искуство, осум пати низ историјата се пласирале во финале, од каде во пет наврати излегувале како победници, додека последното појавување беше лани. Истиот тим кој пред една година му се поклони на Реал Мадрид, сега не планира да се врати дома со празни раце.
Како ривали од англискиот шампионат, Ливерпул и Тотенхем меѓусебе играат најмалку двапати во сезона. Во последните 15 средби Црвените доминираат со девет победи, Тотенхем бил подобар во само два меча, реми бил исходот во останатите четири натпревари. Двете екипи паметат само две средби во рамки на европски натпреварувања, тоа беше сезоната 1972/73 кога во полуфиналето од УЕФА Купот Ливерпул беше подобар од Тотенхем со 2-2 по двомечот и гол на гости.
Оваа сезона за вторпат во историјата на Лигата на шампионите две англиски екипи учествуваат во финалето. Претходно тоа се случи во 2008 година во Москва, а тогаш Манчестер јунајтед стигна до третата титула откако беа подобри од Челзи по изведувањето пенали.
Коефициентите во Sport Life обложувалници се 4.05 за „кец“ на Тотенхем, додека „двојката“ на Ливерпул е 2 квота.
ПОСЛЕДНИ 10 МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ
10 февруари, 2015г. Ливерпул – Тотенхем 3-2
17 октомври, 2015г. Тотенхем – Ливерпул 0-0
2 април, 2016г. Ливерпул – Тотенхем 1-1
27 август, 2016г. Тотенхем – Ливерпул 1-1
25 октомври, 2016г. Ливерпул – Тотенхем 2-1
11 февруари, 2017г. Ливерпул – Тотенхем 2-0
22 октомври, 2017г. Тотенхем – Ливерпул 4-1
4 февруари, 2018г. Ливерпул – Тотенхем 2-2
15 септември, 2018г. Тотенхем – Ливерпул 1-2
31 март, 2019г. Ливерпул – Тотенхем 2-1
СОСЕМА РАЗЛИЧНИ ПЛАНОВИ, А СО ЕДНА ЦЕЛ
Околу две недели имаа двете екипи време да се подготват за ова финале, а има добри вести и од двете страни. Освен Кеита, сите останати ќе му бидат на располагање на Јирген Клоп. Тоа значи дека убиственото трио Салах-Мане-Фирмино ќе биде главното оружје на германскиот стратег. Дилемата ќе биде за средниот ред, еден од Фабињо, Милнер, Хендерсон и Вајналдум ќе извиси.
Напорите кои ги вршеше Хари Кејн да се рехабилитира навреме за овој меч, по сите изгледи се исплатија. Капитенот на Петлите многу веројатно ќе настапи од првата минута, така што Ван Дајк и останатите ќе имаат една мака повеќе во обид да го сочуваат својот гол. Иако Покетино многу често мораше да менува формација поради повреди, се чини дека по подолго време ќе може на терен да го изнесе најдобриот можен состав.
Најавени тимови
Тотенхем (4-2-3-1): Љорис, Трипие, Алдервирелд, Вертонген, Роуз, Сисоко, Ериксен, Лукас, Али, Сон, Кејн.
Ливерпул(4-3-3): Алисон, Александер-Арнолд, Матип, Ван Дајк, Робертсон, Фабињо, Хендерсон, Вајналдум, Мане, Салах, Фирмино.
Стадион: Ванда Метрополитано (Мадрид, Шпанија)
Судија: Дамир Скомина (Словенија)
Во точно 21 часот, сите очи ќе бидат вперени кон овој спектакл.