Нејмар дефинитивно останува во редовите на ПСЖ оваа сезона. Францускиот првак не успеа да се договори со Барселона околу ангажманот на Бразилецот, по што Каталонците кренаа раце од обидот да го вратат Нејмар на „Камп ноу“ ова лето.
Изминативе неколку недели беа исцрпителни за двете страни. Преговорите траеја долго, Барса на неколку начини се обидуваше да најде решение, но ниту едно не ги задоволи потребите на ПСЖ.
Знаејќи дека од преодниот рок остануваат уште 24 часа, шансите да се служи чудо се минимални, што значи дека Нејмар најмалку уште една сезона ќе биде Светец. Сепак, тоа не значи дека шпанскиот првак нема повторно да тргне по него кога ќе се отвори можност, поточно во летото 2020 година најавен е нов атак по потписот на Нејмар.