Реал Мадрид го оправда прекарот Кралски клуб и трошеше кралски во летниот преоден рок за засилувања кои заедно чинат 303 милиони евра.
Најмногу пари од касата на шпанскиот гигант заминаа на контото на Челзи, точно 100 милиони евра за ангажман на Еден Азар. Скап е и трансферот на Лука Јовиќ, играч за кого Реал му плати на Ајнтрахт Франкфурт 60 милиони евра.
Зад Реал на второто место на најголемите трошачи во Шпанија е Барселона со 255 милиони евра, речиси половината од нив платени за Антоан Гриезман на Атлетико.
Токму популарните Јорганџии од Мадрид се на третото место најголеми потрошувачи со 244,7 милиони евра, а тие го реализираа најскапиот трансфер во Европа. Жоао Феликс пристигна од Бенфика за импресивни 126 милиони евра, што е најскап ангажман ова лето.
И Севилја го одврза ќесето за засилувања откако си заминаа Сарабија и Бен Једер, па мораше да се ангажираат нови играчи. Пристигнаа Фернандо од Галатасарај, Регулион од Реал Мадрид, Де Јонг од ПСВ… или сите заедно беа платени 144,5 милиони евра.
Сите останати екипи не ја минаа стотката во милиони евра за засилувања, а на дното е Атлетик Билбао, екипа што не потроши ниту едно евро за летни засилувања. И без никакво вложување, гордоста на Баскија има одличен состав и старт на сезоната со две победи и реми и 7 бода за делба на второто место со Севилја, само зад лидерот Атлетико Мадрид, кој има 9 бодови.