Шпанија се измачи за бодовите против Романија во вчерашниот триумф од 2-1 на гостувањето во Букурешт. Светскиот првак од 2010 година едвај се спаси да не прими втор гол во финишот од средбата, а триумфот го запиша благодарение на погодоците на Серхио Рамос и Пако Алкасер.
Капитенот на Фуријата донесе водство по половина час игра со неговиот прецизен удар од белата точка, што беше негов 21-ви гол во неговиот 166-ти настап во дресот на Шпанија. Рамос со тоа стана 10-ти стрелец во историјата на шпанската репрезентација, израмнувајќи се со Мичел на еднаков број погодоци.
Веќе во следниот меч против Фарските Острови, Рамос може да избие на деветтото место на листата на најдобри стрелци бидејќи Салинас му бега за еден погодок. Исто така, на тој меч Рамос ќе се израмни со рекордерот по бројот на настапи Икер Касилјас, кој во 167 наврати го бранеше голот на Шпанија.
Инаку, до крајот на европските квалификации Шпанија треба да одигра уште пет меча ако се брои и дуелот со Фарските Острови, а доколку Рамос постигне повеќе од два гола, ќе го помине легендарниот Алфредо ди Стефано на листата стрелци, кој постигнал 23 гола за Црвената фурија.
https://www.youtube.com/watch?v=WgfB-eggvHM