Џабе ВАР и во кошарката, на Литванија ѝ беше украдена победата против Франција (Видео)

Франција се радува на пласман во четвртфиналето, а Литванија ги загуби шансите за место во нокаут фазата, по вчерашниот драматичен меч на Мундобаскетот во Кина. Франција имаше предност од 17 поени во второто полувреме, но Литванија не се предаде и во последните 30 секунди беше 76:75 за Галските петли, а Јонас Валанчиунас шутираше слободно фрлање за нерешено.

Топката скокаше по обрачот, кога Руди Гоберт ја исфрли, но во тој момент го удри и обрачот. Тоа во кошарката не е дозволено и се судат два поени за противникот. Судиите не го видоа тој момент, Литванците протестираа, но залудно. Арбитрите одбија да гледаат повторена снимка, која ќе покажеше дека треба да има два поени за Литванија, што ќе значеше нивна предност од 77:76.

Франција во следниот напад даде два поени и стигна до плус три, а Литванија го промаши шутот за нерешено. Селекторот на Литванија, Даниус Адомаитис беше разочаран и гневен на судиите.

„Втор меч по ред судиите го одлучуваат победникот. Прво дозволија Австралија против нас да играат рагби, а сега не сакаа да погледаат снимка. Зошто имаат ВАР? Не треба да се биде паметен, само треба да се сопре играта и да се погледне снимката“, викаше нервозниот Адомаитис.

Од ФИБА ја признаа грешката и ги суспендираа тројцата судии, но тоа многу нема да им значи на Литванците, кои се елиминирани.

„Францускиот играч со бројот 27 (Гоберт) го допре обрачот додека топката беше во контакт со него. Правилна одлука е дека требаше да бидат доделени два поени за Литванија. Судиите од тој меч веќе нема да судат на првенството“, стои во соопштението на ФИБА.

https://youtu.be/Nfu3DSWhVec

 

- Оглас -

Најнови вести