Последни се на табела, но ако победат со 12 разлика може да играат во четвртфиналето

Грција има две победи и два порази во досегашните четири меча на Светското првенство во Кина и воопшто не воодушеви со играта. Сепак, Грците остануваат со шанса за влез во четвртфиналето, иако моментно се на последното место во групата К.

Математиката е едноставна. Грција треба да ја победи Чешка со 12 поени разлика, ако сака да има реални шанси за влез во нокаут фазата. Како е тоа можно? Чешка и Бразил моментно имаат по 7 бода, додека Грција е со шест бодови. Ако Чешка загуби од Грција, а Бразил реално треба да биде поразен во дуелот со Американците, тогаш ќе се направи круг од три селекции со по 8 бодови.

Во тој случај се гледаат меѓусебните дуели. Бразил ја победи Грција минимално со 79:78, но потоа Чешка убедливо со 93:71 славеше над Кариоките. Тоа значи дека Чешка моментно е со кош-разлика од плус 22, Бразил со минус 21, а Грција со минус 1.

Ако Грција ја победи Чешка со 12 поени предност, ќе стигне до вкупна кош-разлика од плус 11, а Чешка од плус 22, со пораз од 12 разлика ќе дојде на плус 10, односно еден поен помалку во вкупната кош-разлика од Грција, па во тој случај нашиот јужен сосед ќе биде во четвртфиналето. Ако Грција денеска победи само со 11 разлика, тогаш во вкупната кош-разлика Чешка ќе биде на плус 11, а Грција на плус 10, па во тој случај Чесите ќе се радуваат на место во нокаут фазата.

Грција може да извиси и сите овие калкулации да бидат залудни, ако Бразил направи чудо и го победи САД, што сепак е малку веројатно.

 

- Оглас -

Најнови вести