Дани Олмо е во блескава серија со голови и по денешните два против Црна Гора, има учинок од 6 погодоци на последните 6 меча за младата селекција на Шпанија.
Играчот на Динамо Загреб беше прецизен во третата и во 12-тата минута денеска против Црногорците, во меч од нашата квалификациска група, и со тоа само го продолжи серијалот што го почна на 19 јуни со гол против Белгија на ЕП во Италија и Сан Марино.
Оттогаш не ја тресеше само мрежата на младите Полјаци, туку беше стрелец и против Франција во полуфиналето, во победата од 4:1 и потоа во финалето против Германците, кои беа победени со 2:1.
Олмо игра за младата шпанска селекција и во новите квалификации, а веќе постигна три гола на два меча за европските шампиони.
Пред четири дена ја затресе мрежата на Казахстан за победа од 1:0, што им е премиерна на Шпанците во нашата квалификациска група, а и денеска со два гола беше творец на нов триумф на Црвената фурија.
Македонија ќе игра со Шпанија на 14 ноември на гостински терен, а се надеваме дека ќе успееме да ја сопреме гол-серијата на одличниот играч на Динамо Загреб.