Алберто Џулијани категорично одби каква било можност за потценување на ривалот и многу коректно призна дека македонската одбојкарска репрезентација заслужено ја победи Словенија во „Стожице“.
„Какво потценување, па ова е Европско првенство. Имавме наша публика, која беше прекрасна и не би си дозволиле такво нешто. Македонците беа разиграни, се бореа како лавови и некоректно е да се фрла сенка со некакви шпекулации.
Моравме да комбинираме во одредени делови од мечот бидејќи првенството е долго. Се игра во пеколен ритам, а сите одбојкари се дојдени на шампионатот за да играат“, изјави селекторот на Словенија.
Џулијани има огромно реноме во светот на одбојката. Има три шампионски титули во Италија, една со Пјемонте (Поранешен Кунео) и две со Лубе, екипа со која го освои и Купот на Италија. Тука се и три пехари од Суперкупот во неговата земја, ист таков трофеј во Турција со Халкбанк и шампионска круна со Пјемонте во ЦЕВ купот на Европа, па неговите зборови имаат посебна тежина.
Македонија приреди вистинско чудо со триумф против домаќинот вчера со 3:1 и сега чека победа на Турција против Финска за пласман во осминафиналето во првото учество на Европските првенства.