Аријан Адеми и неговите соиграчи од Динамо ќе се обидат да ја прекинат црната серија од 11 порази по ред во Лигата на шампионите вечерва на „Максимир“ против Аталанта.
Евентуален пораз и од дебитантот во ЛШ, Бергамо, за Динамо ќе значи неславен рекорд бидејќи тие ќе бидат првата екипа во историјата со 12 неуспеси во серија.
Искуството е на нивна страна, но Аталанта е во топ-форма откако лани беше хит во Серија А и го освои третото место зад шампионот Јувентус и Наполи.
Интересно е што двете екипи имаат играно европски двомеч, во првото коло на Купот на УЕФА, сега преименуван во Лигата на Европа, а Аталанта мина понатаму благодарение на гол постигнат на гостински терен.
Во Бергамо беше 0:0, во Загреб 1:1, па италијанскиот тим се пласираше понатаму. Аталанта за првпат игра во фаза по групи во Лигата на шампионите, а капитенот Адеми вечерва од 21 часот ќе ги поведе соиграчите во седмото учество во луксузното натпреварување.