Првиот домашен натпревар сезонава во Лигата на шампионите за ракометарите на Вардар е предизвик и инспирација, треба да се оправда фаворитската улога и очекувањата на навивачите. Вардар ги навикна поддржувачите на победи, па особено кога се игра на свој терен, очекувањата се победа и ништо друго.
На натпреварот од 17 часот во „Јане Сандански“, за првпат Вардар ќе се сретне со екипата на Порто. Португалците истотака стартуваа со триумф во првото коло, дома против Мешков Брест, иако губеа со 9-15 на полувреме. Тие по пауза од три сезони повторно се враќаат во групната фаза од ЛШ. Тимот е предводен од Магнус Андерсон, крилото Бранкињо беше играч на колото минатиот пат.
Во Порто има неколку интернационалци од Куба, Австрија, Германија, а карактеристично е што во напад играат со седум ракометари и голот го оставаат празен.
Вардар во првото коло се врати од Франција со бодови во џебот, по триумфот против Монпелје. Сега „црвено-црните” сакаат да го продолжат победничкиот од, со прв триумф сезонава пред домашна публика.
Единствено Стојанче Стоилов и Жозе Толедо нема да конкурираат за место во тимот поради повреди. Во отсуство на Стоилов, улогата на капитен ја има Русинот Тимур Дибиров.
„Очекувам полна сала, и како и секогаш, мора да одговориме со добра игра. Без разлика кој е противникот, секогаш е тешко, па очекувам многу голема поддршка. Сите добро знаеме како ние играме во Скопје. Очекуваме победа. Порто игра 7 на 6, но мораме да се адаптираме на тој стил и не верувам дека може да не изненадат. Анализираме добро, се концентрираме само на победа и чекор по чекор одиме напред”, најавува Дибиров.