Европскиот клупски првак во кошарка, ЦСКА Москва, одлучи домашните натпревари со Армани Милано на 26 декември и против Панатинаикос на 3 јануари да ги игра во градот Калининград, кој се наоѓа на руска територија, но одделен е од руското копно и географски е помеѓу Полска и Литванија.
Дуелите со Манекените и Зелените детелинки ќе се играат во „Јантарњи арената“ која има 7.000 седишта (во таа сала играат одбојкарките на Локомотив Калининград, а некогаш и руската репрезентација) затоа што во тие денови околу Нова година салата во Москва ќе биде зафатена и таму ќе се одржуваат концерти.
Претседателот на ЦСКА, Андреј Ватутин, рече дека клубот е жртва на тоа што Евролигата доцна го објавила календарот, па во јули, кога се дозна кога ЦСКА ќе има мечеви како домаќин, за овие два термини за 16-то и 17-то коло, салите во Москва веќе биле зафатени.
„Имавме понуди од руски градови, дури и од Србија и Белорусија, би сакале да им се заблагодариме на сите за интересот, но играњето надвор од Русија ќе ни направеше голем проблем околу телевизискиот пренос и рекламирањето на некои компании. Калининград е идеална локација за нас, има прекрасна сала, а во тој регион нема кошаркарски тим. Сакаме да ја развиеме кошарката таму. Се надевам дека навивачите од Москва ќе дојдат да навиваат и во Калининград, а ги каниме и странците на кои за влез таму им треба виза која може да ја добијат преку интернет“, објасни Ватутин.