Манчестер јунајтед во понеделник ќе го пречека Арсенал на „Олд Трафорд“ во рамки од седмото коло во Премиер лигата. Несомнено, овој дуел на старите ривали ќе го одбележи претстојниот фудбалски викенд во Англија, но Оле Гунар Солскјер не го чека дербито со исто ниво на еуфорија како сите останати.
Главоболки му создаде обновената повреда на Пол Погба, по што Французинот е „отпишан“ за настап против Топчиите. Познато е дека Норвежанецот не може да смета ниту на Марсијал, кој го нема во составот во последните пет меча, а ниту Рашфорд не е фит за да настапи на дуелот од голема важност.
„Ќе работиме и ќе играме за добар резултат со оние играчи кои се здрави и ни се на располагање“, накратко истакна Солскјер на денешната прес-конференција.
По шест меча во Премиер лигата, Манчестер јунајтед има осум бода и е на осмата позиција на табелата, Арсенал има 11 бода и е на четвртото место.