Балканско финале ќе се игра во Париз во недела, по денешната драматична победа на Србија против Франција со 3:2 во второто полуфинале на Европското првенство во одбојка. Словенија претходно го победи светскиот првак Полска со 3:1.
Подраматично беше вечерва во главниот град на Франција, каде Србите подобро ги распоредија силите и славеа во долг меч со 3:2 (23:25, 25:23, 25:21, 17:25, 15:7).
Првиот сет им припадна на „триколорите“ кои ја имаа поддршката од публиката, но Србите возвратија со два добитни сета и поведоа со 2:1.
Франција се созема го доби четвртиот сет и израмни на 2:2, па мораше да се одлучува за победникот во петтиот скратен сет до 15 поени. Тука Србите покажаа карактер и квалитет што долго ги држи во врвот на светската одбојка, го декласираа домаќинот со 15:7 и не му дозволија да се радува на четврто финале на ЕП во одбојка, а за себе го обезбедија четвртиот меч за злато на Стариот континент.
Финалето меѓу Србија и Словенија ќе се игра во недела од 17.30 часот, а во меч за бронза утре од 18 часот ќе играат Франција и Полска како загревање за дуелот за титулата.