Ова е сатисфакција – Го избркаа како неталентиран фудбалер, им се врати како тренер

Жорге Силас уште не почнал како кормилар на Спортинг Лисабон, а веќе прокнижи голема победа, со доаѓањето во таборот на својот матичен клуб.

Некогашниот португалски репрезентативец ќе му биде тренер на Стефан Ристовски и соиграчите и доаѓа како замена за Леонел Понтес, кој доби отказ по поразот од Рио Аве.

Силас како пионер ја почна кариерата во Спортинг, но на 13-годишна возраст во 1989 година беше прогласен за неталентиран и беше избркан од клубот. Луѓето од светски позната Академија на Спортинг од која излегоа дузина познати имиња од калибарот на Кристијано Роналдо, Нани, Кварежма, Симао, Мутињо, Вијана… ретко грешат, но во случајот на Силас направија кикс.

Жорге имаше солидна фудбалска кариера, играше за Вулверхемптон, Маритимо, Беленесес, АЕЛ Лимасол…, а стаса да одигра и три натпревари за португалската репрезентација.

„Се радувам што се враќам како тренер во мојот матичен клуб. Најтежок момент во кариерата ми беше кога ми соопштија дека не сум доволно талентиран да продолжам во Академијата на Спортинг во Алкочете. Имав само 13 години и многу тешко ја прифатив одлуката на тренерите да си заминам. Сега се надевам дека долго ќе останам во Спортинг како тренер“, изјави 43-годишниот Силас.

Тој на почетокот на овој месец доби отказ во Белененсес, откако тимот во стартните три кола на португалското првенство не успеа да постигне ниту еден гол. Веднаш најде ангажман, но и со Спортинг ќе има многу работа. Клубот за кој моментно не игра Ристовски, бидејќи е во процес на рехабилитација по повредата, има само 8 бода по шест кола и е на осмото место. Тоа во Португалија се оценува како неуспех за еден од најдобрите клубови и член на големата четворка со Бенфика, Порто и Брага.

 

- Оглас -

Најнови вести