Вардар заслужува пак да има полна сала – пуштени во продажба билетите за дуелот со Кил

Европскиот првак Вардар не попушта во темпото и со три победи од три меча е лидер во групата Б од Лигата на шампионите. Драматичен беше вчерашниот дуел на гости кај Мотор Запорожје, кога домаќините дадоа гол за реми, но сирената за крај на мечот се огласи само една секунда порано, па вардарци се радуваа.

Сега Вардар го оечкува дербито против Кил, кој исто така е без пораз, но има едно реми, па е втор во групата. Овие две екипи веќе играа пред еден месец на Супер Глоуб турнирот, кога Германците славеа во полуфиналето. Сепак, сега Вардар игра дома, пред своите навивачи, каде што паѓале и најголемите ривали.

Вардар го доби првиот меч од ЛШ во „Јане Сандански“, но салата не беше исполнета. Со игрите во првите три меча, Црвено-црните дефинитивно покажуваат дека имаат сили за уште чуда во ЛШ, но за тоа е потребна и голема поддршка од публиката.

Билетите за дуелот се пуштени во продажба, а чинат 350 денари за на трибина и 400 денари за блок А, а може да се купат на билетарницата на „Јане Сандански“ од 10 до 18 часот. Мечот се игра на 12 октомври.

- Оглас -

Најнови вести