Не изминаа ниту 24 часа по дебаклот на Милан против Фиорентина, а италијанските медиуми веќе му ја одредија судбината на Марко Џампаоло. Росонерите го претрпеа четвртиот пораз во првите шест кола во Серија А остварувајќи само две победи, учинок кој го доведе тренерот на седумкратниот европски првак во ситуација пред отказ.
Се шпекулира дека Џампаоло има само уште една шанса да си ја спаси работата, мора да издвои триумф во дуелот против Џенова во следното коло на Серија А.
„Туто меркато веб“ тврди дека управата на Милан започнала преговори со клупската легенда Андриј Шевченко, актуелниот селектор на Украина. Шевченко во кратката тренерска кариера не добил прилика да води клуб, а сега е прв кандидат да го преземе кормилото на тимот за кого запиша 322 настапи и постигна 175 гола во два периоди од 1999 до 2006 година, како и во сезоната 2008/09 како позајмен играч од Челзи.
На клупата на украинската селекција е од 2016 година, додека договорот му важи до јули 2020, па нема да биде изненадување доколку Шевченко предвреме ја прекине таа соработка со цел да не ја пропушти шансата да го води „својот“ Милан.
Како што е познато, Росонерите и претходно посегнуваа по нивни поранешни фудбалери, последен таков пример е Џенаро Гатузо, па ќе биде интересно дали Шевченко ќе се снајде во улога на пожарникар.