Кулушевски: Се чуствувам одлично, сега навистина сум во Серија А

Сега се чувствувам одлично и некако ми доаѓа како реалност дека навистина сум играч во силната Серија А во Италија, изјави Дејан Кулушевски, по победата на Парма против Торино со 3:2.

Швеѓанецот со македонско потекло одигра одличен меч, постигна гол првенец во Калчото, а имаше и асистенција и изнуди пенал, што Жервињо не го погоди.

Учинок за мерак за 19-годишен фудбалер, кој игра сè подобро како што одминува времето. Вчера беше најдобар на теренот и најзаслужен за победата на Парма.

„Одиграв добро, особено во првото полувреме, што ми дава сигурност и ми ја зголемува самодовербата. Гол и асистенција на еден меч е супер учинок според мене. Најважно е Парма да победува“, изјави по мечот Кулушевски.

За Аталанта ланската сезона одигра три меча, па летово ѝ беше позајмен на Парма со договор за позајмица што важи една година.

Кулушевски е интересен и за нас, а сè уште луѓето од Фудбалската федерација на Македонија не се откажале од него, има настапи за нашата селекција до 17 години, но во прв план му е да игра за Шведска, каде што е роден. Настапуваше за младинските селекции на родната земја, и тоа во категории до 17, 19 и 21 година, а според тоа како игра, веројатно наскоро ќе следи повик од селектор на репрезентацијата А, Јан Олоф Андерсон.

 

- Оглас -

Најнови вести