Светот го подзаборави Сеск Фабрегас откако на почетокот од 2019 година го облече дресот на Монако, по преселбата од Челзи. Но, тој не заборави да ги следи најголемите фудбалски возбудувања, а според неговиот статус што го објави на „Твитер“, јасно е кој од осумте меча во ЛШ го следел.
Фабрегас преку популарната социјална мрежа го пофали офанзивецот на Ливерпул, Садио Мане, тврдејќи дека Сенегалецот моментално е меѓу најдобрите тројца играчи на светот. Токму Мане го најави триумфот на Црвените во голеадата од 4-3 против Салцбург на „Енфилд“, уште еднаш покажувајќи ги неговите голгетерски способности, а воедно и продолжувајќи ја формата.
„За мене, Мане е во топ 3 фудбалерите на светот и веќе извесно време е на врвот. Топ, топ ниво“, кратко и јасно напиша Сеск, вториот најдобар асистент во историјата на Премир лигата.
Mané for me is top 3 players in the world and has been for a while. Top top level.
— Cesc Fàbregas Soler (@cesc4official) October 2, 2019