Возачот на Дукати, Хорхе Лоренцо, нема да се трка за Големата награда на Јапонија викендов. Шпанскиот мотоциклист се откажа поради ненавремено опоравување од повредите на зглобот на десната нога и зглобот на левата рака, кои го спречија да го заврши првиот тренинг кој се одржа во раните утрински часови.
Лоренцо почувствува неудобност при возењето уште во првите неколку кругови на патеката „Мотеги“, по што не можеше да го даде максимумот. Повредите ги заработи уште на тренинг пред трката на „Бурирам“ за Големата награда на Тајланд, која се одржа пред две недели.
„Тажен сум, но и претходно знаев дека нема да можам да возам како што сакам и можам. На свиоците влегував премногу споро, не кочев како што треба поради болките во зглобот, па јасно беше дека е најдобро да се откажам од оваа трка. Ако не се чувствувам удобно не можам да се тркам, а уште помалку да се борам за наградата“, истакна Лоренцо.
Засега е неизвсно дали Лоренцо ќе се појави следниот викенд, кога шампионатот во МотоГП се сели од Јапонија во Австралија. Трката на „Мотеги“ ќе се одржи во недела наутро, со почеток од 7 часот, додека квалификациите започнуваат утре во 7 часот.