Најголем дел од учесниците на Спортска прогноза, поточно 69,8 проценти од нив, сметаат дека Полска ќе ја совлада македонската репрезентација во вечерашниот натпревар во Варшава. Традицијата покажала дека е реткост да се случи ваква недоверба кон нашиот национален тим, особено после една добра игра и победа.
Од 1.085 прогнозери кои типуваа во шестото коло на Спортската прогноза на Спорт Манија и Sport Life, околу 700 ставиле „единица“. Речиси 23 проценти типувале на нерешено, а само 7,3 отсто се големи оптимисти, и сметаат дека Македонија може да победи.
Ниту победата над Словенија и враќањето во игра за пласман на ЕП 2020, не беа доволни за прогнозерите драстично да си го сменат мислењето, и најголем дел од нив останаа песимисти, веруваат дека Македонија нема шанса кај тимот кој победи во Скопје со 1-0. Спротивно на нив, самите фудбалери најавуваат голема борба и обид да останат непоразени, а зошто да не го изненадат фаворитот.
Во некои ситуации во минатото, како на пример на Евросонг, имаше прогнозери кои уплаќаа на победа на Македонија и кога квотата беше 100 или 200, на одбојкарското ЕП истотака имаше мечеви на кои нашите беа тотални аутсајдери, но изненадија. Вечерва квотата за победа на „рисовите“ на Игор Ангеловски е 7,60.