Полска има исклучително добар состав, со многу квалитетни играчи, повеќето од нив од реномирани екипи од најсилните европски лиги, но и лоша атмосфера пред дуелот со Македонија. Мечот од осмото коло во квалификациската група Г за пласман на ЕП меѓу Полска и Македонија ќе се игра на националната арена во Варшава, вечерва со почеток во 20.45 часот.
Клучот за да се остане непоразен против Полска, за било која репрезентација оддамна се знае, да се сопре еден од најдобрите стрелци во Европа, Роберт Левандовски. Погоди трипати на последниот дуел со Летонија во Рига и ја врати репрезентацијата на победнички колосек по двата меча без триумф.
Селекторот на Полска, Јиржи Брзечек и буквално има слатки маки пред секој квалификациски меч да одбере стартен состав од миксот на искусни и проверени играчи, комбинирани со млади фудбалери, но репрезентацијата не игра добро во последно време.
Полските медиуми објавија и дека дел од репрезентативците немаа голема доверба во селекторот, па тоа треба да се искористи за подвиг и освојување на бод(ови) што за Македонија многу ќе значат, пред се за останување во трката за една од двете први позиции, кои гарантираат настап на ЕП 2020 година.
Во Скопје не не надиграа, иако победија со 1:0. Напротив, Македонија беше ремноправна со фаворитот, но голот на Кшиштоф Пјонтек на почетокот на второто полувреме го реши победникот.
Стоп за Лева, да се внимава на Гросицки и Зјелински
Ако нашите репрезентативци успеат да ја сопрат или неутрализираат оската што ја сочинуваат двете крила на Полска, Пјотр Зјелински и Камил Гросицки и голгетерот на Баерн, Левандовски, добар дел од работата на патот кон успех за нас ќе биде трасиран.
Зјелински не е во топ-форма сезонава, ниту во Серија А за Наполи, ниту во полската репрезентација, но ги има сите квалитети да биде и светска ѕвезда. Не за џабе и Јувентус лицитираше за извонредното 25-годишно крило на Полска, по потреба дури и главен креатор на играта во средниот ред. Зјелински има прекрасна техника и брзина, одличен преглед на игра и на него мора особено да се внимава.
Гросицки е добар дриблер, брз е знае да пробие по бочните позиции, па тоа трио и оската Зјелински – Левандовски – Гросицки го има клучот за победата на Полска. Проблем за нив е што Клих и Криховјак, од кои зависи играта на домашната селекција на средината на теренот, не се во форма. Франковски исто така, па тука ќе биде првата измена од скопскиот состав.
На местото на Франковски, најавен е како стартер 20-годишниот играч на Динамо Москва, Себастијан Шимански, еден голем талент на полскиот фудбал. Нема искуство и тој е уште една шанса да ја имаме контрола на средината од теренот.
Затоа за нас е важно да игра Аријан Адеми, чиј настап до почетокот на мечот е неизвесен. Капитенот на Динамо Загреб е повреден, а се наоѓа во одлична форма и со него во составот растат шансите на Македонија за успех.
Главната задача да го спречува првиот налет на Левандовски во нашата дефанзивна зона би требало да ја има Бобан Николов, а ќе бидат интересни директните дуели, особено во скок-играта, на Висар Муслиу со капитенот на полската репрезентација.
Долгите топки на Криховјак и поддршка од 50 илјади навивачи знаат да ја разбудат Полска
Кога на Полска не ѝ оди добро во организацијата на играта во средниот ред, а се почесто е така во последно време и ако се сопрат налетите преку крилата Зјелински и Гросицки, на сцена стапува Гжегорж Криховјак. Моментно е играч на Локомотив Москва и во најубавиот дел од кариерата беше една од важните алки на Севилја, кога тимот од Андалузија доминираше со пехарите во Лигата на Европа.
Криховјак има прецизни долги пасови, со кои Полјаците ќе се обидат да сменат ритам, а 29-годишниот играч од средниот ред на гостите често знае како на тацна да ги проигра пред се, Левандовски и златната резерва Пјонтек во опасната зона за шут пред голот на противниците. Треба да се внимава на долгите топки на Криховјак, со кои Полјаците ќе се обидуваат едноставно да дојдат во шанса за гол.
Вечерва Македонија за првпат во квалификациски меч ќе игра пред повеќе од 50 илјади публика, а полските навивачи се одлични и знаат да ја кренат својата репрезентација кога не и оди. Сепак имаме искусни играчи и прекрасната атмосфера би требало да биде мотив плус за подвиг.
Прекинот на играта, моќно оружје на домаќините
Слободните удари и корнерите се силно оружје на Полјаците бидејќи и Пјонтек и Левандовски се многу опасни во скок-играта. Од таква ситуција, по корнерот во 47. минута Пјонтек ни даде гол во Скопје и Полска речиси без игра не победи со 1:0.
Ќе треба да се внимава и на Камил Глик, стоперот на Монако, и на корпулентниот Јан Беднарек од Саутемптон, кој е висок 189 сантиметри. И двајцата често знаат да се приклучат во нападот при изведување на прекините и да бидат опасни во скок играта.
Втората измена во однос на скопскиот меч ќе биде на голманската позиција, а се враќа стандардниот голман Војчех Шчесни, на местото на Лукаш Фабијански.
Дилемата на Брзечек, шанса за Македонија
Левиот бек Масиеј Рибус се мачи со повреда, но тој ќе игра, иако сам си признава дека не е во добра форма. Да се менува пред важен дуел, каков што е тој со Македонија вечерва, не е добра одлука, па Брзечек е во голема дилема. Дали да игра Рибус, или Бартош Бережински? На спротивната страна ќе игра Томаш Кеџора, а стоперското дуо е стандардно, Беднарек и Глик.
Офанзивниот пристап на полските бекови им отвораше доста простор на противниците пред полскиот гол, а ако тоа се случува и во Варшава, треба да се искористи шансата со молскавични контри да се загрозува Шчесни. Во таква ситуација брз пренос на топката пред сè до Горан Пандев, кој има одлични решенија и асистенции би можеле да ѝ донесат многу проблеми на гостинската одбрана и гол(ови) во мрежата на фаворитот. Треба да се искористи и одличната форма на нашиот најмад репрезентативец Елиф Елмас, кој одигра симултанка против Словенците. Дијамантот прераснува во фудбалер од светска класа и ќе биде голем адут за Македонија и денеска против Полјаците.
Можни состави:
Македонија – 3-4-1-2: Димитриевски – Бејтулаи, Муслиу, Ристевски – Ристовски, Николов, Алиоски, Спировски – Елмас – Пандев, Несторовски. Селектор Игор Ангеловски.
Полска – 4-2-3-1: Шчесни – Рибус (Бережински) Глик, Беднарек, Кеџора – Криховјак, Клих – Гросцки, Шимански, Зјелински – Левандовски. Селектор: Јиржи Брзечек.