Утре во Виена, во 11 часот ќе се влече ждрепката за третото коло на ЕХФ купот, последно пред групната фаза во ова натпреварување. Дел од ждрепката е и Металург, кој е во привилегираниот шешир, а клубот од Автокоманда утре треба и да го официјализира договорот со Зоран Кастратовиќ за позицијата тренер на првиот тим.
Поранешниот тренер на Вардар, Кометал и поранешен македонски селектор, Кастратовиќ, ќе биде новиот тренер на ракометниот клуб Металург. Последна работа му беше како селектор на Иран, а претходно го водеше и националниот тим на Црна Гора.
Клубот од скопска Автокоманда со овој искусен стручњак ќе брка место во групата фаза на ЕХФ купот. Металург нема премногу среќа со тренерите по заминувањето на Лино Червар. Сезонава тргнаа со Дамир Стојановиќ на клупата, но соработката траеше кратко. Металурзите имаа долга листа кандидати, но се одлучија за Кастратовиќ, кој им беше при врвот на желбите. Клубот добива тренер кој добро ги познава состојбите кај нас и тоа може да биде голем плус.