МЗТ Скопје Аеродром и Рогашка од 19 часот во „Јане Сандански“ го отвораат новото коло во регионалната АБА 2 лига, а македонскиот првак е исправен пред предизвик во третиот настап да ја извојува третата победа, по можност и трети пат негов играч да биде МВП на колото.
Заедничко за МЗТ и Рогашка е дека двата тима го победија Спарс во Сараево, но Mеталците славеа и дома кога дадоа 110 поени против Слобода Тузла, па заедно со Борац се единствените две непоразени екипи на врвот. Во првите две кола, најкорисни поединци беа членови на МЗТ, па тимот може да брка хет-трик и на овој план.
„Рогашка има искусни играчи, донесоа плејмејкери од Приморска, плус добар американски центар. Ќе се борат за самиот врв во АБА 2. Наше е да бидеме борбени и пожртвувани. Ако го сториме тоа, може да се надеваме на позитивен исход“, смета тренерот Ѓорѓи Кочов.
Тренерот на Рогашка, Дамјан Новаковиќ, мисли дека МЗТ е фаворит и за него ваков меч е лесен за играње бидејќи нема што да загубат.