Четвртина век нема ЕП или СП без Шпанија и Германија

Шпанија со голот на Родриго Морено синоќа извлече нерешен резултат на гостувањето во Шведска и обезбеди пласман на седмо Европско првенство по ред. Интересно е дека Шпанија никогаш не победила на гостување во Шведска, има четири ремија и еден пораз, но синоќа и нерешеното им заврши работа.

Шпанците по 11-ти пат ќе играат на континенталните шампионати, а седми пат по ред. Ваква низа од европските селекции има само уште Германија. Во последните 25 години, само Шпанија и Германија учествувале на сите Мундијали и европски првенства, а од 1978 година наваму само Германија е редовна, додека Шпанија има пропуштено само еден настан. На другите континенти, на сите СП или континентални првенства во последните 25 години играле Бразил, Мексико и Јужна Кореја.

Црвената фурија има дадено гол на 38 натпревари по ред (ниедна друга селекција на светот нема ваква серија во моментов), серија која за малку ќе беше прекината, но Родриго спречи да се случи такво нешто.

- Оглас -

Најнови вести