Во пресрет на трката за големата награда на Јапонија, Валентино Роси, возачот на Јамаха, најави дека со Луис Хамилтон имаат план да се трампаат. Роси да го вози болидот на Британецот, а Хамилтон да ја проба Јамахата на деветкратниот светски првак во мотоциклизам. Овој план најверојатно ќе се оствари по крајот на шампионатите, а се шпекулира дека настанот ќе се случи во Абу Даби, во декември годинава.
„Планираме да го оствариме тоа, знам дека ќе биде фантастично искуство и за двајцата. Луис ќе ја проба мојата Јамаха М1, а тој ќе ми даде шанса да свртам еден круг со неговиот Мерцедес болид“, истакна Роси.
Врската меѓу Формула 1 и Мото ГП не е само поради тоа што трките се одвиваат на исти патеки. Возачите често ги посетуваат меѓусебните трки од спонзорски, но и навивачки аспект. Во 2008 година Роси доби прилика да го вози болидот на Ферари во Шпанија, додека Хамилтон уште не ја остварил желбата да се качи на Мото ГП мотоцикл, но познато е дека е голем фан на кралската класа, а и самиот често знае да се појави на мотоцикл во слободно време.