3,2,1… НБА-треската може да почне!

Новата сезона во НБА-лигата е пред нас. Ноќта меѓу вторник и среда со два меча стартуваат возбудувањата во најсилната кошаркарска лига во светот. Тронот го чуваат Рептилите од Торонто, додека останатите 29 екипи ќе ја водат војната за посакуваниот шампионски прстен.

Токму актуелниот шампион, тимот на Торонто репторс ја има честа да ја отвори сезоната, и тоа на домашен терен. Во „Скотјабенк арената“ гостуваат Њу Орлеанс пеликанс кои се значително ослабени по повредата на нивниот новак и прв пик на овогодишниот драфт, Зајон Вилијамсон. Иако и Рептилите останаа без првата ѕвезда Кавај Ленард, во оваа пресметка се фаворити на хартија, а квотата за „кец“ според Sport Life e 1.40, додека за оние кои очекуваа изненадување на Пеликаните коефициентот за „двојка“ е 3.30.

Сепак, акцентот за ноќеска се става на градското дерби во Лос Анџелес помеѓу Клиперс и Лејкерс (04:30 часот). Двете франшизи го делат истиот дом, но домаќини во „Стејплс центарот“ ќе бидат Клиперс, предводени од најкорисниот играч во минатосезонското финале Кавај Ленард. Но, треба да се знае дека тимот кој го предводи Док Риверс е ослабен со отсуството на втората нова ѕвезда Пол Џорџ, за кого е познато дека ќе ги пропушти првите 10 меча од регуларната сезона.

Што се однесува за втората најтрофејна франшиза во Лигата, нивните очекувања и амбиции се големи бидејќи од ова лето на доминантниот Леброн Џејмс му се придружи популарната Веѓа, Ентони Дејвис, со кого Лејкерс ќе целат на нова титула и израмнување со вечниот ривал Бостон селтикс по бројот на пехари – 17. На клупата им пристигна нов тренер, Френк Вогел, кој има задача од овој тим да направи шампионски гигант, а тоа ќе може да го стори само ако ја стегне одбраната, бидејќи нападот воопшто не е проблем кога во редовите го имате неприкосновениот Леброн.

Во ова дерби фаворитската улога им припадна токму на Езерџиите поради фактот што Клиперси ќе бидат без еден од најопасните шутери во лигата, Џорџ. Победа за Клиперс носи квота од 2.40, а „двојката“ на Лејкерс е 1.68.

ЗАПАД

Фокусот ќе биде насочен на Западната конференција поради миграциите кои се случија во текот на летото. Поголем дел од оние врвни кошаркари се преселија во оваа Конференција, каде што ќе биде густо во битката за големото финале. Главните претенденти за самиот врв се ЛА лејкерс, ЛА клиперс, Голден стејт вориорс, Хјустон рокитс, Денвер нагетс, а никако не смее да се отпише Далас маверикс на чело со двајцата европски кошаркари Дончиќ и Порзингис.

Калифорнија ќе ужива во мајсториите на Ентони Дејвис, кој дојде кај Леброн со намера да го вратат Лејкерс на мапата, односно повторно да го направат шампионски овој тим кој чека на титула од 2012 година. Соседите сега и тоа како може да се наречат нивни ривали, Клиперс ги доведе Кавај Ленард и Пол Џорџ, двајцата расни кошаркари кои се еднакво добри и во напад и во одбрана.

Голден стејт остана без Кевин Дурант, но на „снајперите“ Кари и Томпсон им се придружи уште еден одличен шутер, Д‘Анџело Расел од Бруклин, па затоа Воините пак ќе бидат меѓу водечките екипи. Во Хјустон сега има двајца шерифи, кај најдобриот поентер од минатата сезона Џејмс Харден дојде моќниот плејмејкер Расел Вестбрук. Секој нивен меч ќе биде спектакл, не се знае кој од нив е подобар офанзивец, очекувајте трипл-дабл учиноци секоја втора вечер.

Младиот состав на Денвер нагетс повторно ќе се крсти во Никола Јокиќ, сега популарен како Џокерот. Лани стигнаа до конференциското полуфинале, сега цел им е да одат чекор понапред, иако предизвикот е многу потежок оваа сезона. Екипите како Портланд трејлблејзерс и Сакраменто кингс може да се спомнат дека ќе бидат „трн во око“ на сите противници.

ИСТОК

Не би било фер да се каже дека во Источната конференција оваа сезона ќе биде порастоварено, но така е. Шампионот Торонто по заминувањето на Ленард, автоматски падна во втор план, додека Eлените од Милвоки се фаворити да бидат најдобри. Јасно е зошто е така, Бакс го имаат најдобриот играч од минатата сезона, Јанис Адетокумбо, кој од сезона во сезона станува сè подоминантен и невозможен за бранење. Токму Јанис е фаворит да биде избран за МВП и во 2020 година, но на „грчкиот лудак“ поважен му е успехот со тимот, па затоа шампионски прстен му е единствена цел која сака да ја оствари.

Бруклин нетс ќе се наметнеше како сериозен кандидат оваа сезона доколку Кевин Дурант беше здрав, но се очекува да бидат добри и со новиот носител Кајри Ирвинг. Цела сезона „Дурантула“ ќе ја преседи покрај аут-линијата, а цел товар ќе падне на екскошаркарот на Селтикс.

Бостон како замена за Ирвинг, го ангажираше Кемба Вокер, но се чини дека повторно им недостасува нешто во тимот за да се туркаат со гигантите. Како тим се солидни, првата петорка е прилично млада и може доста да напредува, но дури во блиска иднина ќе може да се сметаат за конкуренти.

Време е „процесот“ да оди едно скалило погоре, тоа се очекува од Филаделфија. Ембид и Симонс веќе не се неискусни, иако се млади. Тие се лидерите на Сиксерс од кои се очекува конечно да го израдуваат најспортскиот град во САД, кој копнее по шампионски тим, а го има само во НФЛ-лигата во Иглс.

Ќе биде интересно да се следат Орландо меџик со курпулентниот Никола Вучевиќ, како и Детроит пистонс, каде што Блејк Грифин ќе има поддршка од Дерик Роуз, подзаборавениот МВП од 2011 година.

- Оглас -

Најнови вести