Управата на јадранскиот првак Црвена ѕвезда не губи време да најде замена за отпуштениот Милан Томиќ. Белградските Црвено-бели наводно се во преговори со реномираниот стратег Чави Пасквал, поранешен предводникот на Барселона и Панатинаикос. Шпанецот повеќе од една година е без ангажман откако ја напушти Атина, а чека вистинска шанса да преземе евролигашки тим.
Тука Ѕвезда се совпаѓа со неговите услови, а клубот воедно ќе добие одличен тренер кој треба доста работи да поправи во составот по турбулентниот старт на сезоната.
Пасквал осум години беше на клупата на Барселона. Со Каталонците во четири наврати стана шпански првак, освои и три титули во Купот, но најмил пехар му е од Евролигата, до кој стигна во 2010 година. Авантурата во ПАО му помина со две титули во грчкото првенство, а сега е пред нов предизвик на Балканот.
Интересно е што оваа шпекулација се појави на ден пред дуелот меѓу Ц. ѕвезда и Барселона (21ч). Во дуелот од четвртото коло во Евролигата, Ѕвезда без адекватен предводник ќе се соочи со непоразените Каталонци во обидот да дојдат до втората победа.