Солскјер потсети дека може воопшто и да не заврши мечот Партизан – Манчестер јунајтед

Партизан на својот стадион вечерва го пречекува англискиот гигант Манчестер јунајтед во меч од третото коло од Лигата на Европа. Гостите се големи фаворити, но Партизан со четири бода од првите две кола покажа дека нема лесно да се предаде.

Гостите од Англија некако повеќе се фокусираа на тоа дали ќе има расистички извици од трибините, отколку на самиот меч. Причина за тоа е што пред 10-тина дена англиските фудбалери беа навредувани на репрезентативното гостување во Бугарија, па фактот дека сега повторно дел од нив се на Балканот, ги наведува на тоа дека повторно може да има слични проблеми.

„По тоа што се случи во Бугарија, разговаравме со нашите играчи. Запознаени сме со протоколот во такви ситуации, а ние ќе го почитуваме. Сепак, верувам во добрите луѓе во Србија и очекувам атмосферата да биде фантастична и дека ќе биде вистинска прослава на фудбалот“, рече менаџерот на Манчестер, Оле Гунар Солскјер.

Дефанзивецот Хери Мегваер беше еден од оние на теренот кои во Софија ги слушаше расистичките извици, а се надева дека тоа нема да се повтори во Белград.

„Тоа што се случи во Софија е ужасно и никако не смее да се повтори. Тука сме да уживаме во фудбалот. Ако има такви работи, протоколот на УЕФА вели дека има три чекори и ние ќе постапиме по него“, рече Мегваер.

Според УЕФА, доколку има расистички испади, првиот чекор е навивачите да бидат јавно опоменати. Доколку продолжат навредите, играчите се повлекуваат во соблекувалната, а следува втора јавна опомена за навивачите. Доколку и по трет пат треба да се интервенира, судијата го прекинува мечот.

 

- Оглас -

Најнови вести