Ремито во Ѓорче не ги засити Лавовите и шампионот, Борец со услуга за Вардар

Македонија ЃП и Шкендија ремизираа без голови во дуелот кој се одигра во Ѓорче Петров во рамки од 12-тото коло во домашниот шампионат. Иако беше означено како дерби на колото мрежите мируваа, а конечниот исход не оди во полза на актуелниот првак, додека на Лавовите повеќе им одговара ова реми иако целта беше да се освојат трите бода.

Екипата од Ѓорче Петров со петтото овосезонско реми стигна до 17-от бод, со кој се сместија на делба на третата позиција на табелата со Шкупи, додека Шкендија и натаму е далеку од врвот и сега заостанува 12 бода зад лидерот Вардар.

Тимот на Борец оствари голема победа над Академија Пандев со минималните 1-0 благодарение на Хрватот Никола Прелчец. Играчот за врска на велешани победоносниот гол го реализира во 80-тата минута, што беше доволно за Пандевци да го претрпат вториот пораз сезонава, а Борец му направи голема услуга на лидерот Вардар за по ова коло да има три бода предност во однос на составот од Струмица.

На останатите среби од 13:30 часот, Силекс исто така со минимални 1-0 ја совлада Струга ТЛ, додека Ренова и Шкупи ремизираа при конечни 2-2.

 

- Оглас -

Најнови вести