Борнмут е во голема гол-криза и нема постигнато погодок над 300 минути, а за популарните „цреши“ ова е и неверојатен податок, ако се знае дека лани по ефикасност во Премиерлигата беа веднаш зад големата шесторка на англискиот фудбал.
Во минатата сезона постигнаа вкупно 56 голови и беа седмиот најефикасен тим во англиското првенство зад шампионот Манчестер сити, Ливерпул, Арсенал, Тотенхем, Манчестер јунајтед и Челзи, или првопласираните шест екипи, кои во последно време ја сочинуваат големата шесторка во Премиерлигата.
Денеска во Борнмут гостува Манчестер јунајтед, најтрофејниот клуб во Англија, па задачата конечно да се затресе противничката мрежа за домаќините ќе биде сложена.
Главен адут за прекин на постот ќе биде Калум Вилсон, најдобриот стрелец на Борнмут со пет гола и човекот што последен се радуваше на гол во таборот на „црешите“. Постигна погодок против Вест Хем на меч што се одигра на 28. септември, а погоди во 46. минута и оттогаш минаа повеќе од 315 минути без радост за играчите на Борнмут.
Мечот со Манчестер јунајтед е премиерен од 11. коло во Премиерлигата и ќе се игра денеска од 13.30 часот.