Групата Х во Лигата на шампионите е една од понеизвесните оваа сезона. Пред почетокот, Челзи, Ајакс, Валенсија и Лил имаа речиси подеднакви шанси за пласман во нокаут-фазата, но јасно е дека само две екипи ќе го остварат тоа. По три кола, неизвесноста и натаму трае, Челзи и Ајакс имаат по шест бода, Валенсија има четири, додека Лил има само еден бод.
Токму лидерите од оваа група вечерва ќе ги одмерат силите во Лондон. На „Стемфорд бриџ“ гостува најнепријатниот противник бидејќи Ајакс е во неверојатна серија надвор од Амстердам на меѓународната сцена. Копјаниците се непоразени во вкупно 12 гостувања во ЛШ, вклучувајќи ги и квалификациските натпревари од минатата сезона. Во тие 12 меча Ајакс издвои шест победи и шест ремија, меѓу победите се и оние против Реал Мадрид, Јувентус и Тотенхем.
Последен пат кога играа на гости, Ајакс ја здроби Валенсија на „Месталја“ со 3-0 и го продолжи импресивниот учинок. Избраниците на Ерик тен Хаг се мотивирани и вечерва да го задржат статусот на непоразени гости, што значи дека Челзи има право да се плаши од разочарувачки резултат.
Средбата на „Стемфорд бриџ“ од четвртото коло во групите е закажана во 21 часот.