Давид Вилја, искусниот напаѓач на Висел Кобе, најави крај на професионалната кариера по завршувањето на сезоната во јапонскиот шампионат. Поранешната ѕвезда на Барселона и Валенсија се повлекува од фудбалот со над 600 одиграни натпревари и повеќе од 300 погодоци во кариерата и ќе се памети како еден од најуспешните шпански фудбалери во историјата.
Вилја во текот на дведецениската кариера ги освои буквално сите важни трофеи. Во Шпанија најголем успех забележа со Барселона – три титули во првенството, една во Лигата на шампионите, Светско клупско првенство и европскиот Суперкуп. Лигата ја освои и со Атлетико Мадрид, додека во Купот на Кралот се радуваше како играч на Реал Сарагоса, Валенсија и Барселона.
Своевремено неприкосновениот голгетер беше дел и од златната генерација на Црвената фурија, која доминираше од 2008 до 2012 година. Во тој период Вилја на двапати ја покори Европа, како и светот во 2010 година со првата светска титула за Шпанците. Откако ја заврши авантурата во родната земја, Вилја се проба и преку Атлантикот, играше за тимот на Њујорк сити, а кратко се задржа во Австралија.
До крајот на шампионатот во Јапонија остануваат три кола, кои воедно ќе бидат последни натпревари за Вилја како член на Кобе и активен фудбалер. Моментално на 26 натпревари Вилја реализира 12 гола и на цели 37 години покажува дека е роден голгетер.
https://twitter.com/visselkobe/status/1194481070101557248?s=21