Меѓу два натпревари во Лигата на шампионите, ракометниот клуб Вардар вечерва од 20.15 часот ќе одигра и важен меч од СЕХА против Мотор Запорожје, тим што успеа сезонава да ги победи „црвено-црните” во Украина. Дуелот е важен бидејќи решава кој ќе биде прв во групата и ќе ги скокне двата осминафинални натпревари.
Двете екипи имаат по 15 бода, по 6 одиграни натпревари. До крајот на регуларниот дел од сезоната остануваат уште четири кола. Најавите се дека двата тима ќе играат во комбинирани состави и ќе се чуваат за ЛШ, па ќе им дадат шанса на резервистите.
„Мотор е квалитетна екипа. Мислам дека ќе биде тешко. Играчите се изморени, многу играчи го носат товарот цела сезона и мислам дека сега може да се калкулира и тие да се одморат. Одиме на победа, играме дома и тоа е секако наша шанса”, изјави капитенот Стојанче Стоилов.
И Мотор, кој го смени тренерот, не доаѓа во најсилен состав, ќе им фалат голем број ракометари. Мотор сезонава го совлада Вардар во СЕХА, но во Лигата на шампионите славеше македонскиот првак.