Спортскиот директор на Барселона Ерик Абидал, во интервју за шпански „Спорт“ говореше околу ситуацијата со тренерот Ернесто Валверде. Предводникот на Каталонците моментално ја отслужува последната година од неговиот договор, а само од него зависи дали ќе остане на клупата по крајот на сезоната.
За управата е лесно да му врачи отказ на Шпанецот само поради неколку лоши резултати, но предизвикот е да се најде решение и да се верува во работата на Валверде и во тешки ситуации.
„Отсекогаш постоела дебата дали Валверде треба да остане на клупата или не. За нас како управа, лесно е да му кажеме дека повеќе не сметаме на него, но пред да направиме таков потег прво детално ги анализираме сите добри и лоши работи. Не може неколку лоши резултати да бидат причина да посегнеме по друг тренер, како што прават некои клубови. За да има подобрувања, мора целосно да му дадеме доверба, затоа од Валверде зависи дали ќе биде тренер на Барселона и по крајот на оваа сезона“, истакна Абидал.
Јавноста вршеше притисок по елиминациите од Рома и Ливерпул во ЛШ во изминатите две сезони за Валверде да добие отказ. Дури и навивачите ја загубија довербата, а посебно беа незадоволни од турбулентниот старт на оваа сезона. Сепак, и покрај тоа Барселона по 12 кола во Ла Лига е на првата позиција со ист број на бодови како и Реал Мадрид (25).