Некогашниот кошаркар, Милтон Паласио, кој играше за многу клубови во НБА и Европа, трагично го загуби животот на 41-годишна возраст. Паласио во канадскиот град Торонто бил удрен од возач кој управувал со автомобил „Хонда сивик“, по што им подлегнал на повредите. Неофицијално, на колата ѝ откажале сопирачките пред да удри во несреќниот кошаркар.
Паласио играше во НБА лигата за Ванкувер гризлис, Бостон селтикс, Феникс санс, Кливленд кавалирс, Торонто репторс и Јута џез, а прв европски клуб му беше белградски Партизан, за кој потпиша во летото 2007 година. Потоа замина во Химки, но брзо се врати во Партизан. Настапуваше и за други клубови како Кавала, Каха Лаборал (денешна Басконија), Монбус, а заврши во Литвос ритас во 2013 година.
Потоа работеше како тренер и директор за развој на играчи. Последен ангажман му беше како помошник тренер на Лонг ајленд нетс во развојната Г лига.