Францускиот првак ПСЖ пред извесно време започна преговори со претставниците на Килијан Мбапе околу нов договор. Првата понуда е вртоглава, Светците се подготвени да плаќаат по 30 милиони евра годишно без бонуси со цел фантастичниот Мбапе да остане на „Паркот на принцовите“ и по 2022 година.
Сепак, за експлозивниот светски првак сумата не е доволна, односно не го интересираат дотолку парите бидејќи не е сигурен во амбициите на клубот. Мбапе посакува титула во Лигата на шампионите, а ПСЖ со него досега потфрли во два обиди. Според него, управата треба да му гарантира дека ќе го засили тимот и не само да биде конкурент за европската круна, туку да ја оствари целта по секоја цена.
Мбапе исто така посакува клаузула во новиот договор која ќе му овозможи да преговара со друг клуб ако дојде време за разделба, а сите знаат кој е сонот на офанзивецот, да го облече белиот дрес на Реал Мадрид. Преговорите ќе траат, најверојатно многу повеќе од очекуваното, а можеби Мбапе намерно одолговлекува со цел да притисне за преселба.
„Сантијаго Бернабеу“ утре ќе го види Мбапе бидејќи ПСЖ гостува кај Реал Мадрид во рамките од претпоследното коло во групната фаза во Лигата на шампионите.