Фил Џонс не успеа докрај да ги исполни големите очекувања и прогнозите на големи фудбалски имиња дека ќе стане фудбалска ѕвезда, а сега постапи многу коректно, одбивајќи го предлогот на Манчестер јунајтед.
За Џонс беше предвидено да биде организиран ревијален проштален меч кога ќе замине во фудбалска пензија, но дефанзивецот на „црвените ѓаволи“ ја одби понудата.
„Не, благодарам. Иако сум долго во клубот чувствувам дека не сум оставил толку длабока трага за такво признание. Кој би дошол на проштален меч на Фил Џонс. Веројатно само мајка ми и татко ми“, на шеговит начин објасни стоперот на Манчестер јунајтед.
Сер Алекс Фергусон го доведе во Манчестер јунајтед во 2011 година и најави дека Џонс ќе биде еден од најдобрите дефанзивци во истријата на фудбалот.
Поранешниот селектор на Англија Фабио Капело го спореди Џонс со Франко Барези, но работите за Фил не се одвиваа во посакуваниот правец.
За 8 години тој одигра само 220 натпревари, а сега со Оле Гунар Солскјер на кормилото се помалку добива шанса да игра. Настапи на последниот меч за Манчестер јунајтед против Шефилд јунајтед и беше виновник за водечкиот гол на противникот, па на почетокот на второто полувреме беше веднаш заменет.
Во февруари годинава 27-годишниот Џонс потпиша нов четиригодишен договор со „црвените ѓаволи“.