Расизам на меч од ЛШ, ѕвезда на Интер бара УЕФА да реагира

Напаѓачот на Интер Ромелу Лукаку, тврди дека бил навредуван на расна основа за време на гостувањето кај Славија Прага и побара од УЕФА да реагира. Белгискиот голгетер беше двоен стрелец во победата од 3-1, а вели дека во два наврати бил на удар на навивачите на домашната екипа.

„Кажав и за време на репрезентативната пауза. УЕФА не смее да дозволи да се случуваат вакви работи на натпревари под нивна организација. Во дуелот против Славија на двапати бев навредуван поради бојата на кожата. Не можам да разберам, живееме во 2019 година, а луѓето не сфаќаат дека на тој начин ги навредуваат и нивните фудбалери, сигурен сум дека и кај нив ги има од повеќе националности и различни култури. Со таквото однесување испраќаат погрешна порака кон помладите. УЕФА мора да реагира инаку вакви немили сцени ќе има и во иднина“, истакна Лукаку за италијанските медиуми.

Ѕвездата на Нероаѕурите вторпат сезонава е мета на расисти, срамни сцени претрпе во септември годинава во мечот против Калјари.

- Оглас -

Најнови вести