Џабе е сѐ… Што и да направиш, нема да го спречиш

Се подготвуваш цела недела за една цел. Тренираш, анализираш, психички се зајакнуваш за предизвикот. Доаѓа моментот да излезеш на терен, те понесува атмосферата, цел стадион навива за тебе, а ти си мотивиран знаејќи дека треба да го победиш најдобриот. Почнува мечот, забележуваш дека и твоите соиграчи исто како тебе веруваат дека конечно ќе го дочекаат моментот да кажат дека го спречиле магионичарот од Розарио. Даваш сѐ од себе и таман си помислил дека стигнуваш до целта, и тогаш ладен туш – Еден погрешен потег и веќе си во шах-мат позиција. Пак тој Меси… Пак најде начин како да го разочара цел Мадрид.

Еден шут на Лео беше доволен да го потопи Атлетико, а Реал да го натера да се помести од врвот во Шпанија. Барса со минималните 1-0 против Јорганџиите си ја презеде лидерската позиција на табелата од Кралевите, па дури тоа преземање да биде поради подобра гол-разлика. Во поголемиот дел од мечот дури и не се почувствува неговото присуство, но кога беше најпотребно, Меси измисли некој нов трик и магијата му успеa. Го немаше, го немаше и се појави во 86-тата минута.

Сите знаат што ќе направи, дури и ти знаеш во кој правец ќе оди и како ќе ја шутне топката… Но, што и да кажеш, што и да направиш, џабе е сѐ… Рецептот за да се спречи човекот со пет Златни топки во џебот го имаат малкумина, а и тој не е 100% сигурен.

НЕ МУ ТРЕБА УШТЕ ЕДНА ЗЛАТНА ТОПКА, НО СЕ ЧИНИ ДЕКА ЌЕ ЈА ДОБИЕ

Има пет, ПЕТ Златни топки… Малку ли е тоа? Воопшто не го засега дали по шести пат ќе го добие признанието на „Франс фудбал“, но се чини дека вечерва ќе се случи токму тоа. Не игра Меси за индивидуални награди, никогаш не му биле приоритет, важно му е да освојува со клубот за кого дава сѐ, а останатото е само бонус.

Нема дилеми дека е надминат оној кризен период од почетокот на сезоната, дури и повредите се заборавени. Капитенската лента не го прави лидер на тимот, туку придонесот и самата разлика што ја прави на теренот. Меси ја врати голгетерската форма во вистински момент, пак е оној стариот. Вчера му беше 14-ти натпревар сезонава, а го постигна вкупно 11-тиот гол. Тоа е учинок вклучувајќи ја и Лигата на шампионите, а покрај тоа што реализира на секои 101 минути, Меси досега запиша и осум асистенции.

Некои нема да се согласат со тоа дека големи се шансите Меси да биде крунисан во Париз, а причината е сосема оправдана. Аргентинецот има и повеќе од адекватен конкурент во Вирџил ван Дајк, кој без сомнежи би бил прогласен за најдобар фудбалер за оваа година во секое сценарио во кое не би постоел Меси.

Стоперот на Ливерпул е како непробоен ѕид, нема дилеми дека ги заслужува сите пофалби за она што го прикажува во црвениот дрес, но кога играш во ерата на G.O.A.T (Greatest of all time), се помируваш со фактот дека едноставно таа награда е наменета за него. Нема да биде чудно и ако по крајот на кариерата, Ballon d‘or се преименува во „Лионел Меси“.

Голем дел од читателите нема да се согласат со тоа што до толкав степен се возвишува мегаѕвездата на Каталонците, но начинот на кој Меси го игра фудбалот е неспоредлив со сите останати од светската класа. Триумфот над Атлетико е уште еден доказ, а ги има уште милион кои стојат врежани во архивата и подготвени да се искористат како сабја за да се пресече секоја критика.

И, не заборавајте, Лео има 32 години и нема уште долго да нѐ маѓепсува со извонредните трикови. Затоа уживајте во секоја прилика кога тој ќе се појави на малите ТВ-екрани.

- Оглас -

Најнови вести