По победата над Барнли, Гвардиола ги шокираше навивачите

Манчестер сити речиси без никакви проблеми стигна до победа на гостувањето кај Барнли со 4:1, во меч од 15-тото коло на Премиер лигата. Со овој триумф Сити дојде до 32 бодови и сега со осум заостанува зад лидерот Ливерпул. Гигантот од „Енфилд роуд“ сезонава игра речиси перфектно и има 13 победи и едно реми во досегашниот дел од сезоната, а вечерва ќе го игра градското дерби против Евертон.

Иако Сити синоќа го намали заостанувањето зад лидерот, тренерот на Граѓаните, Пеп Гвардиола, најави дека трката за титулата веќе е завршена, што е нетипично за шпанскиот стратег кој е познат како голем борец и секогаш најавувал дека сака да се бори за нови пехари. До крајот на сезоната во Премиер лигата има повеќе од 20 кола, но Гвардиола вели дека борбата за тронот е завршена.

„Трката за тиутлата е готова. Од тоа што го прочитав, веќе никој не ни дава шанси. Готово е. Со оглед на заостанувањето кое го имаме зад Ливерпул, искрено би било и малку лудо да размислуваме за трофејот. Мораме да мислиме на дербито кое ни следи. Ќе одиме меч по меч, бидејќи сезоната не е само играње во Премиер лигата. Имаме и други натпреварувања, како што се: ФА купот, Карабао купот и Лигата на шампионите. Важно е да продолжиме во овој ритам во следниот период кој следи“, рече Гвардиола.

Манчестер сити во следното коло во Премиер лигата, в сабота на свој терен ќе го пречека градскиот ривал Манчестер јунајтед.

 

- Оглас -

Најнови вести