Хетафе со рутинирани 2-0 славеше против Валјадолид во првиот денешен меч од 17-тото коло во Ла Лига. Избраниците на Бордалас си го одржаа сонот за пласман во европската елита на половина од сезоната, со остварениот осми триумф сезонава Хетафе повторно е на четвртото место со 30 бода.
Домаќините воедно го нанижаа седмиот меч без пораз во сите натпреварувања, додека за петтата последователна победа без примен гол се погрижија Кукурела во 36-тата, и Анхел во 82-та минута.
Хетафе повторно е пред Атлетико со еден бода разлика, додека е на само пет бода од лидерот Барселона. Валјадолид веќе пет средби не може да оствари позитивен резултат, па затоа виси на 15-тото место со само 19 бода, шест повеќе од зоната за испаѓање.