Елина Свитолина како прва и Каролина Плишкова како втора во својата група, одат во полуфиналето на завршниот ВТА-турнир во Сингапур.
Во денешните мечеви од „белата група“, Плишкова со 6-3, 6-4 ја доби чешката пресметка против Петра Квитова, додека Украинката Свитолина со 5-7, 7-5, 6-3 ја совлада Данката Возњацки.
Плишкова за првпат во кариерата успеа да ја победи сонародничката Квитова и потоа го чекаше расплетот на другиот меч за да дознае дали ќе оди во полуфиналето како прва или втора во својата група.
На Возњацки ѝ требаше победа над Свитолина, и тоа во два сета. Возњацки го доби првиот, во вториот имаше 5-5, но Украинката зеде два гејма по ред и го освои тој клучен сет, со кој си обезбеди полуфинале. Во третиот сет, мотивите кај Возњацки спласнаа и таа го загуби мечот.
Утре во „црвената група“ играат Кербер-Стивенс и Осака-Бертенс. Сите четири тенисерки имаат шанса за пласман во полуфиналето, а за пласманот може да одлучува дури и сет и гејм-разликата.